Географска структура на Република Македонија

 

Република Македонија се наоѓа во југоисточниот дел на Европа, завземајќи го централниот дел на Балканскиот полуостров. Таа е значајна крстосница - ја поврзува Европа со Азија, Мала Азија и Африка. Република Македонија е континентална земја, во централниот дел на Балканскиот Полуостров, помеѓу 40° 50’ и 42° 20’ СГШ и помеѓу 20° 27’ 30" и 23° 05’ ИГД. Вкупната должина на границата изнесува 849 км, со вкупна површина од 25.713 км2. Најголемото растојание по воздушна линија во насока север југ изнесува околу 150 км, а во насока исток-запад околу 210 км.

Планините покриваат приближно две третини од територијата на земјата.

Македонија се смета за земја богата со води, со евидентирани и картирани 4.414 извори, чиј вкупен годишен капацитет достигнува 6,63 милијарди м3 вода. Вардар е најголемата река со околу 80% од целокупниот воден истек од Македонија. Неговата вкупна должина изнесува 388 км, од кои 300 км течат на територијата на Република Македонија, додека остатокот во Република Грција. На истекот од Македонија, тој има проток од 174 м2/сек.

Како земја која не излегува на море, Македонија е горда на своите природни и вештачки езера. Од природните езера, најатрактивни се тектонските езера: Охридското, Преспанското и Дојранското езеро. Охридското езеро е најголемо, со површина од 358,8 км2, од кои 229,9 км2 и припаѓаат на Република Македонија, а остатокот на Р. Албанија. Второ по големина е Преспанското езеро кое се протега на површина од 276,40 км². Дојранско езеро е позиционирано во југоисточниот дел на државата и има површина од 42,7 км2.

Поради специфичните природни и географски карактеристики, во Република Македонија има два главни типа на клима: изменета медитеранска и умерено континентална и доминираат две годишни времиња: студени, влажни зими и суви, топли лета, поврзани со преодните сезони, пролет и есен. Просечната годишна температура е голема (над 14 - 15 °C), средното годишно колебање е мало (под 20°C).

 

Демографија на Република Македонија

Во Р. Македонија, според анкетата за работната сила, спроведена од страна на Државниот завод за статистика за 2014 година на територијата на Република Македонија, бројот на население над 15 години изнесува 1.673.494 лица. Од нив 57,3% се активни и учествуваат на пазарот на трудот, додека 42,7% се неактивни.

Вкупно

Работоспособно население

Вкупно

Вработени

Невработени

Неактивно население

Вкупно

1.673.494

958.998

690.188

268.809

714.497

мажи

837.232

579.906

419.589

160.316

257.326

жени

836.263

379.092

270.599

108.493

457.171

Население во Република Македонија на возраст над 15 години според економската активност (извор: Државен завод за статистика)

Од вкупниот број на активно население (958.998 жители) 60% односно 579.906 се мажи, додека 40% односно 379.092 се жени. Во поглед на возраста најголемиот процент од активното население е на возраст од 25 до 49 години, односно 65% од активното население е на возраст од 25 до 49 години, а 24% се на возраст од 50 до 64 години.

Возраст

Вкупно

Работна сила

Неактивно население

Вкупно

Вработени

Невработени

Вкупно

1.673.494

958.998

690.188

268.809

714.497

15-24

292.517

94.914

44.517

50.397

197.603

25-49

774.123

626.995

460.971

166.025

147.125

50-64

394.531

231.986

179.944

52.041

162.546

65+

212.324

5.102

4.755

-

207.222

Табела 3: Работоспособно население според економската активност и возраста

(извор: Државен завод за статистика)

  • резултатите од Анкетата за работната сила, 2014, во Република Македонија работната сила изнесува 958.998 лица, од кои 690.188 (72.0%) се вработени и 268.809 (28.0%) се невработени. (извор: http://www.stat.gov.mk/Publikacii/2.4.15.04.pdf)

Економија

Република Македонија е земја со нагласена европска ориентација, кандидат за членство во ЕУ, реформски ориентирана. Од своето осамостојување во 1991 година, Република Македонија има остварен значителен напредок од аспект на либерализација на економијата и подобрување на бизнис-климата. Во споредба со останатите земји од Балканот, привлекувањето на странски инвестиции е приоритет и предизвик на Македонија. Значителниот бројот на млади образовани лица и малиот број на слободни работни места ја прави Македонија погодна за брзо започнување со работа на новоосновани бизниси.

Макроекономија

Македонија е макроекономски стабилна држава. Македонија е ангажирана во насока на привлекување на инвестиции и нејзина меѓународна промоција што е значаен фактор во насока на стабилната макроекономија. Државата води стабилна даночна политика и е една од државите со најголем економски напредок. Владата на Република Македонија го дава максимумот на полето на обезбедување на долгогодишна макроекономска стабилност со ниска инфлација која во просек изнесува околу 2 проценти во последните 10 години, како и обезбедување на низок буџетски дефицит.

Секторот за Макроекономска политика на Министерството за финансии, во рамки на Владата на Р. Македонија е задолжен за следење на макроекономската стабилност на државата.

Секторот за Макроекономска политика ја конципира и го следи остварувањето на макроекономската политика, активно учествува во анализи за македонската економија, изготвува компаративни анализи и во склоп на тоа подготвува месечни и квартални извештаи и развојни документи, како Претпристапната економска програма.

Економска дипломатија - Поттикнување на извозот на македонски производи

Економската дипломатија со посебно внимание ги поддржува активностите на македонските извозници како двигатели на растот на здрава економија - економија што се заснова врз производство, создавање нови работни места, истражување и иновации. Македонските заложби се во форма на:

  • Решавање на меѓународните отворени економски прашања што ја засегаат Р. Македонија;
  • Отстранување на трговските пречки и бариери и олеснување на влез на македонските фирми на трети пазари, како и проширување на активностите на веќе постојните фирми во странство;
  • Следење и детектирање на предизвиците со кои се соочуваат нашите бизнисмени во странство;
  • Средби со претставници од бизнис заедницата и стопанските комори за идентификување на потребната поддршка во реализација на целите;
  • Организирање посети на претставниците на странските амбасади на нашите економски капацитети за подобро запознавање.

Трговската размена со странство се врши во услови на либерализација на трговијата врз основа на билатерални договори за слободна трговија со Турција и Украина и со земјите-членки на ЕФТА и ЦЕФТА и согласно со Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија и земјите-членки на Европската унија. Согласно Спогодбата за стабилизација и асоцијација, Македонскиот извоз на индустриски и земјоделски производи (освен квоти за виното, говедско месо и риба) од 1 јуни 2001 година се одвива без царина. Од 1 јануари 2011 година, земјите-членки на ЕУ и Република Македонија применуваат слободна трговска зона во индустрискиот сектор, што значи целокупната трговија во индустрискиот сектор се одвива без царина. Република Македонија на 04.04.2003 година стана полноправна членка на Светската трговска организација, трговските односи се регулираат согласно со правилата и принципите на оваа организација.

Најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ (72,6%) и земјите од Западен Балкан (17,9%), а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ (62,4%) (извор: www.stat.gov.mk).

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Р. Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Италија. 49,9% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји. Поддршка на фирмите во напорите за присуство на странски пазари даваат и стопанските комори www.mchamber.org.mk и www.sojuzkomori.org.mk.

Промовирање на Р. Македонија како високоповолна земја за странски инвестиции

Владата на Република Македонија континиуирано работи на имплементација на мерки за подобрување на бизнис климата и зголемување на конкурентноста на македонската економија. Во овие мерки се инкорпорирани најдобрите искуства на многу европски земји и препораки на Светската банка и меѓународните финансиски институции. Мерките се насочени кон намалување на бирократијата и намалување на трошоците и процедурите за добивање административни документи преку електронско аплицирање и добивање на дозволи и лиценци и понатамошно намалување на трошоците за фирмите. Се реализираат и мерки за подобрување на конкурентноста на македонската економија со поврзување на фирмите со универзитетите и иноваторите, преку имплементација на истражувачки и развојни проекти. Подобрувањето на постојните и имплементирањето на нови технологии ќе придонесе за намалување на технолошкиот јаз кој Р. Македонија го има во однос на земјите членки на ЕУ.

Една од главните мерки во оваа насока е и ангажирањето на економски промотори низ повеќе земји во светот, со главна цел да ги информираат големите корпорации во тие земји за одличните можности за инвестирање во Р. Македонија.

Република Македонија како бизнис дестинација

Основни факти за Р. Македонија

Република Македонија брзо напредува на патот на политичките и економските реформи во насока на зајакнување на демократското општество и слободната пазарна економија. Континуираниот напредок на земјата е потврден и од страна на извештајот на Светската банка (Doing Business), кој ја рангираше Македонија како најдобар реформатор во Југоисточна Европа за последните три години. Врвните приоритети на Владата вклучуваат економски раст и развој, активно учество во регионалните и глобалните интегративни процеси, одржување на економска стабилност и привлекување на странски директни инвестиции.

 

ЗОШТО ИНВЕСТИТОРИТЕ ИНВЕСТИРААТ ВО МАКЕДОНИЈА

  • СЛОБОДЕН ПРИСТАП НА ПАЗАРОТ

Бесцарински пристап до пазар со повеќе од 650 милиони потрошувачи преку три мултилатерални (ССА, ЕФТА ЦЕФТА) и два билатерални (Турција и Украина) договори за слободна трговија.

  • НИСКИ ДАНОЦИ

Стапка на рамен данок од 10% за персонален данок и данок на добивка која не се реинвестира.

  • НИСКИ ОПЕРАТИВНИ ТРОШОЦИ

Една од нај конкурентните локации во Европа во однос на оперативните трошоци

  • ОДЛИЧНА ГЕОСТРАТЕШКА ПОЗИЦИЈА

Стоките реално можат да се испорачаат во рок од еден ден до Централна и Источна Европа, како и Турција, а максимум два дена до Западна Европа. Коридор 8 и коридор 10.

  • БРЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА КОМПАНИЈАТА

Едношалтерски систем за регистрација на компанијата во рок од 4 часа.

  • ОДЛИЧНА ИНФРАСТРУКТУРА

Национална инфраструктура за безжичен интернет, дигитален телекомуникациски систем, широко распространета авто-патна мрежа, два меѓународни аеродроми со редовни врски до главните европски транспортни центри.

  • ПРИСПОСОБЛИВ ОБРАЗОВЕН СИСТЕМ

Универзитети подготвени да соработуваат со новите инвеститори за исполнувањето на нивните барања во однос на потребни вештини.

  • ОДЛИЧНИ ПОЗНАВАЊЕ НА СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ

Голем број од жителите на Република Македонија зборуваат англиски јазик, францускиот и германскиот јазик се вградени во образовниот систем, а регионалните јазици имаат секојдневна употреба.

  • ДОСТАПНА КВАЛИФИКУВАНА РАБОТНА СИЛА

Млада (42% на возраст под 30 години), образована и високо-квалификувана работна сила, со силна работна етика и одлично индустриско искуство.

  • ВИСОК СТЕПЕН НА КВАЛИТЕТ НА ЖИВОТ

Многу атрактивни услови за живеење и работа

  • ПОЛИТИЧКА, МОНЕТАРНА И МАКРОЕКОНОМСКА СТАБИЛНОСТ

Земја-кандидат за членство во ЕУ и НАТО.

 

Даночни поволности за инвестирање во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ)

Технолошко индустриска развојна зона (ТИРЗ) е слободна зона од аспект на даночните закони во Република Македонија. Секое домашно или странско физичко или правно лице - корисник на ТИРЗ може да ги користи даночните поволности преку инвестирање во зоната. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, во име на Владата на Република Македонија, управува со Технолошко-индустриските развојни зони во Република Македонија. Владата на Република Македонија има основано четиринаесет Технолошко-индустриски развојни зони кои се наоѓаат во различна фаза на изградба. Технолошко-индустриски развојни зони Скопје 1, Скопје 2 и Штип се целосно оперативни, додека за ТИРЗ Тетово е потпишан Договор за јавно-приватно партнерство со меѓународна компанија. Паралелно, Дирекцијата за ТИРЗ работи на развојот на единаесет Технолошко-индустриски развојни зони на територијата на Република Македонија, со цел да се постигне рамномерен економски развој во целиот регион.

Даночни ослободувања и олеснувања во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ)

Корисникот на зоната е ослободен од плаќање данок на добивка за период од 10 години, доколку во рок од две години, по годината на добивање на решението за започнување со работа под услови утврдени со закон, го започне вршењето на дејноста во зоната.

Корисниците на ТИРЗ кои вршат исплата на приходи кон странско правно лице во Република Македонија или во странство, должни се истовремено со исплатата на приходот да го задржат и да го уплатат данокот во висина од 10%, освен ако поинаку не е регулирано со Меѓународните договори за одбегнување на двојно оданочување.

Корисникот на зоната е ослободен од плаќање персонален данок на доход по основ на плати на вработени лица за период од 10 години, од започнувањето на вршење на дејност во зоната, односно од првиот месец во кој корисникот ќе изврши исплата на плата, без разлика на бројот на вработени лица.

Корисникот на зоната е ослободен од ДДВ за прометот на добра и услуги во ТИРЗ (освен прометот наменет за крајна потрошувачка) и за увозот на добра во ТИРЗ (под услов добрата да не се наменети за крајна потрошувачка).

Услови за користење на даночните поволности во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ)

Овие поволности ги добиваат корисници на зоните кои вршат нова дејност како:

  • Производна дејност;
  • Дејност од областа на информатичката технологија (изработка на софтвери, склопување хардвер, дигитални записи, компјутерски чипови и сл.);
  • Научно истражувачка дејност и производство засновано на нови технологии со високи еколошки стандарди;
  • Услуги кои се директно поврзани со увоз на добра кои се внесуваат во зоната (под услов добрата да не се наменети за крајна потрошувачка).

Услови за користење на даночните поволности се и:

  • Корисникот на зоната да нема ненамирени пристигнати даночни или царински обврски;
  • Против Корисникот на зоната да не е отворена стечајна постапка;
  • Корисникот на зоната да поднесе Барање за остварување на даночни ослободувања и олеснувања (по сите основи) до Управата за јавни приходи (www.ujp.gov.mk) преку Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (www.fez.gov.mk).

Рок и потребна документација за користење на поволности во технолошко индустриските развојни зони (ТИРЗ)

Корисникот на зоната барањето го поднесува до Управата за јавни приходи преку Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони најдоцна до 31 март во тековната година, за секоја претходна година од работењето во зоната за која се користат даночните ослободувања и олеснувања. Кон барањето корисникот на зоната е должен да ги достави следните докази:

  1. Договор за вршење дејност со основачот на зоната
  2. Решение од Царинската управа за исполнување на условите за вршење на царински надзор согласно со Царинскиот закон и Решение донесено од Дирекцијата за ТИРЗ за започнување со работа на корисникот
  3. Годишна сметка и даночен биланс за претходната година заедно со образец СПД - Структура на приходите по дејност
  4. Доказ од Централниот регистар за тековна состојба на бонитетот на корисникот (не постар од шест месеци)
  5. Уверение издадено од надлежен орган дека корисникот на зоната нема пристигнати, а ненамирени даночни и царински обврски
  6. Уверение издадено од надлежен суд и Централниот регистар дека над корисникот на зоната не е отворена стечајна постапка или постапка за ликвидација

(извор:http://www.ujp.gov.mk/361/megjunarodni_organizacii/category/1027)

Водење бизнис во Република Македонија

Врвен приоритет на Владата на Република Македонија е економскиот напредок на земјата. Министерството за надворешни работи и неговите дипломатски претставништва преку економска дипломатија во секојдневното работење се фокусираат на:

  • Претставување на Република Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции преку промоција на предностите за водење бизнис;
  • Активности за поттикнување на извозот на македонски производи со што се зајакнува позицијата на земјата како доверлив бизнис-партнер и дестинација;
  • Активности за промовирање на Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација и зголемување на бројот на туристите што ја посетуваат земјата.

Во земјата работат голем број реномирани странски фирми, како што се: Johnson Controls, Johnson Mattey, Kromberg & Schubert, Kemet Corporation, Van Hool, Dräxlmaier.

Компаративни предности на Република Македонија во однос на останатите земји во регионот се:

  • Економична квалификувана работна сила;
  • Пријателски расположена Влада кон странски инвестиции;
  • Ниски трошоци за водење бизнис;
  • Едношалтерски систем;
  • Даночни поволности и субвенции;
  • Добра инфраструктура

го прават опкружувањето поволно за основање и водење бизнис.

Регистрирање на компанија во Р. Македонија

Регистрацијата на трговски друштва во Република Македонија ја регулира Законот за Трговски друштва кој е во функција од 2004 година, а Централниот регистар на Р. Македонија е овластената институција за регистрирање на компаниите. Овој закон е примарен закон за регулирање на деловната активност во Р. Македонија. Ги дефинира видовите на компании, процедурите и регулативите за нивно основање и започнување со работа.

Сите странски инвеститори ги добиваат истите права и привилегии како и македонските државјани, така што странските инвеститори имаат право да основаат и да вршат активности во некој од дефинираните типови компании според Македонското законодавство. Странските инвеститори немаат обврска да се стекнат со некоја специјална дозвола од државните институции, освен оние дозволи кои се бараат со самиот закон.

Според Законот за Трговски Друштва, компаниите се формираат како посебни правни лица кои функционираат независно од нивните основачи, акционери и менаџери. Зависно од видот на трговското друштво, компаниите имаат сопствени права, обврски, назив и регистрирани седишта.

Законот прави дистинкција помеѓу 5 видови на компании:

  • Јавно трговско друштво (ЈТД);
  • Командитно друштво (КД);
  • Друштво со ограничена одговорност (ДОО/ДООЕЛ);
  • Акционерско друштво (АД);
  • Командитно друштво со акции (КДА).

Република Македонија има воведено едношалтерски систем кој им овозможува на инвеситорите да ги регистрираат своите компании во период од 4 часа по поднесување на апликацијата (во пракса процесот може да потрае и до 1-2 работни дена). Инвеститорот може да регистрира компанија со едноставно одење до еден од шалтерите, собирање на сите потребни информации од истиот со обраќање на само еден вработен во институцијата. Ова значително ги намалува административните бариери и почетните трошоци.

Постапка за упис на ДОО/ДООЕЛ во Трговски регистар

Друштво со ограничена одговорност е трговско друштво во кое едно или повеќе физички и правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. Влоговите на содружниците можат да бидат со различна големина. Содружниците не одговараат за обврските на друштвото. Основната главнина на друштвото се состои од збирот на влоговите на содружниците.

  • Основната главнина не може да биде помала од 5.000,00 ЕВРА во денарска противвредност, според средниот курс на таа валута којшто е објавен од Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишувањето на договорот за друштвото, односно на изјавата за основање на друштвото.
  • Износот на основната главнина мора да биде изразен со цел број којшто е делив со 100.
  • Основањето на друштвото се запишува во Трговскиот регистар. Влогот на содружникот може да биде паричен и непаричен.

Пријавата за упис на основањето на друштвото ја поднесува управителот, односно управителот овластен од другите управители ако друштвото има повеќе управители. Уписот во Трговскиот регистар се врши во писмена форма или во електронска форма. Управителот, односно управителот овластен од другите управители е должен во рок од 15 денови од денот на стекнувањето на условите за поднесување пријава за упис во Трговскиот регистар да поднесе пријава за упис. Пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото во Трговскиот регистар, содружникот мора да уплати најмалку една третина од запишаниот паричен влог. Пред поднесувањето пријава за упис, износот на уплатите во пари не може да биде помал од 2.500,00 ЕВРА во денарска противвредност.

Потребни документи за регистрација на ДОО / ДООЕЛ:

  • Пријава за упис;
  • Договор за друштвото, односно Изјава за основање на друштво, со сите прилози вклучувајќи го и полномошното за полномошникот, заверени од нотар;
  • Ако основач е физичко лице: копија од пасош, лична карта или друга исправа за утврдување на идентитетот - важечка во неговата земја, доказ за регистрација ако основач е правно лице;
  • Доказ од банка овластена за вршење платен промет дека секој основач уплатил најмалку една третина од паричниот влог;
  • Доказ дека е уплатена најмалку половина од основната главнина;
  • Ако се внесуваат непарични влогови- договорите со коишто тие се утврдуваат и спроведуваат;
  • Одлуката за избор на управител;
  • Изјава на секој управител на друштвото дека го прифаќа изборот- заверена кај нотар;
  • Одлуката за избор на членовите на надзорниот одбор;
  • Доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во јавна книга за евиденција на недвижни ствари;
  • Дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган ако таа обврска е определена со закон за упис на друштвото во Трговскиот регистар;
  • Изјава од застапникот по закон на правно лице, односно изјава од физичко лице, заверена кај нотар, односно приложување доказ дека не постои пречка за да биде основач;
  • Изјава во којашто ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со којашто тврдат дека друштвото го основале во согласност со закон;
  • Управителот, односно лицата кои според договорот за друштвото, се овластени за застапување приложуваат потписи – заверени кај нотар. Странските лица можат да приложат потпис заверен кај надлежниот орган во земјата чиишто државјани се;
  • Прилозите можат да бидат поднесени во електронска форма согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис и Законот за едношалтерскиот систем и за водење на Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.

Постапка за упис на Акционерско друштво во Трговски регистар

Акционерското друштво е трговско друштво во кое акционерите учествуваат со влогови во основната главнина, којашто е поделена на акции. Акционерите не одговараат за обврските на акционерското друштво. Најмалиот номинален износ на основната главнина, кога друштвото се основа симултано, без јавен повик за запишување акции изнесува 25.000,00 евра во денарска противвредност, според средниот курс на Народната банка на Р.М., објавен на денот пред усвојувањето на статутот, односно на денот пред донесувањето на одлуката за промена на основната главнина, а кога друштвото се основа сукцесивно, преку јавен повик за запишување акции, тој изнесува најмалку 50.000,00 евра во денарска противвредност.

 

Потребни документи за регистрација на Акционерско друштво:

  • ОБРАЗЕЦ ПО – Пријава за упис на основање на субјект во Трговскиот регистар;
  • Статут;
  • Ако основач е физичко лице: копија од пасош, лична карта или друга исправа за утврдување на идентитетот - важечка во неговата земја, доказ за регистрација ако основач е правно лице;
  • Доказ за уплатениот износ од банката во којашто е вршена уплата на акциите;
  • Ако се преземаат акции со внесување непарични влогови - Договорите со коишто се утврдуваат и спроведуваат тие, Извештајот на проценителот и Доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во Јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар) - доказ за сопственост над подвижната ствар;
  • Одлуките за избор на членовите на органот на управување, односно на надзорниот одбор;
  • Ако во основањето се дадени посебни погодности, договорите со коишто тие се утврдуваат и спроведуваат;
  • Пресметката на трошоците за основање на друштвото;
  • Основачкиот извештај и извештајот за ревизија на основањето;
  • Дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган, ако таа обврска е определена со закон за упис на друштвото во Трговскиот регистар;
  • Изјава од застапникот по закон, односно изјава од физичко лице дека не постои пречка да биде основач на друштвото (член 29 од ЗТД);
  • Изјава во којашто ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со којашто тврдат дека друштвото го основале во согласност со закон;
  • Извршните членови на Одборот на директори, односно членовите на управниот одбор, како и другите лица кои, според статутот, се овластени за застапување, поднесуваат потписи – заверени кај нотар. Странските лица можат да приложат потпис заверен кај надлежниот орган во земјата чиишто државјани се.

Постапка за упис на Јавно трговско друштво во Трговски регистар

Јавно трговско друштво (ЈТД) е трговско друштво во кое се здружуваат две или повеќе физички и правни лица, кои на доверителите за обврските на друштвото им одговараат неограничено и солидарно со сиот свој имот. Јавно друштво се основа со договор за друштвото склучен меѓу основачите. Влоговите на содружниците во јавното друштво можат да бидат различни. Содружникот може во јавното друштво да вложи пари, ствари, права, труд и услуги. Вредноста на непаричниот влог, содружниците спогодбено ја утврдуваат во пари. Основањето на ЈТД се запишува во Трговскиот регистар.

Потребни документи за регистрација на Јавно трговско друштво:

  • Пријава за упис на основање на јавното друштво;
  • Договорот за друштвото;
  • Ако основач е физичко лице: копија од пасош, лична карта или друга исправа за утврдување на идентитетот - важечка во неговата земја, доказ за регистрација ако основач е правно лице;
  • Дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган ако таа обврска е определена со закон за упис на јавното друштво во Трговскиот регистар;
  • Доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во Јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар) - доказ за сопственост над подвижната ствар;
  • Изјава од застапникот по закон, односно изјава од физичко лице дека не постои пречка да биде основач на друштвото (член 29 од ЗТД);
  • Изјава во којашто ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со којашто тврдат дека друштвото го основале во согласност со закон.

Постапка за упис на Командитно друштво и Командитно друштво со акции во Трговски регистар

Командитно друштво (КД) е трговско друштво во коешто се здружуваат две или повеќе физички и правни лица од кои најмалку еден содружник одговара за обврските на друштвото лично со сиот свој имот, односно неограничено и солидарно ако се најмалку два содружника (во натамошниот текст: комплементар), а најмалку еден содружник одговара за обврските на друштвото само до износот на запишаниот влог во друштвото (во натамошниот текст: командитор). Влогот на командиторот не може да биде во труд и услуги. Комплементарите учествуваат најмалку со една петтина во вкупниот износ на влоговите.

Командитното друштво со акции (КДА) е друштво во коешто основната главнина е поделена на акции, а еден или повеќе содружници одговараат неограничено и солидарно за обврските на трговското друштво со целиот свој имот. Во овој случај бројот на командиторите не може да биде помал од три и фирмата мора да го носи називот „командитно друштво со акции“, односно КДА. Правните односи на комплементарите меѓу себе и спрема командиторите, спрема трети лица, како и во поглед на правото на комплементарите на управување и застапување на командитното друштво со акции се уредуваат соодветно со одредбите за командитно друштво, определени со Законот за трговски друштва.

Потребни документи за регистрација на Командитно друштво и Командитно друштво со акции:

  • ОБРАЗЕЦ ПО – Пријава за упис на основање на субјект во Трговскиот регистар и регистар на други правни лица;
  • Договор за друштвото;
  • Ако основач е физичко лице: копија од пасош, лична карта или друга исправа за утврдување на идентитетот - важечка во неговата земја, доказ за регистрација ако основач е правно лице;
  • Доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во Јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар) - доказ за сопственост над подвижната ствар;
  • Изјава од застапникот по закон, односно изјава од физичкото лице дека не постои пречка да биде основач на друштвото (член 29 од ЗТД);
  • Изјава во којашто ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со којашто тврдат дека друштвото го основале во согласност со закон;
  • Дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган, ако таа обврска е определена со закон за упис на Командитното друштво во Трговскиот регистар;
  • Содружниците, односно лицата кои според договорот за друштвото се овластени за застапување на Командитното друштво приложуваат потписи заверени кај нотар. Странските лица можат да приложат потпис заверен кај надлежниот орган во земјата чиишто државјани се.