Североисточен плански регион

За Нас

Центарот за развој на Североисточен плански регион (ЦРСИПР) е организација задолжена за изготвување и реализација на Програмата за развој на Североисточниот плански регион и претставува главен поддржувач на активностите во Североисточиот регион на Р. Македонија. Центарот за развој врши стручни и административно – технички работи за потребите на Советот за развој на планскиот регион и: подготвува предлог – проекти за развој на планскиот регион и за подрачја со специфични развојни потреби; ја потикнува меѓуопштинската соработка; обезбедува стручна и техничка помош на ЕЛС при изготвување на нивните развојни програми ; обезбедува стручни услуги на НВО и Здруженија на граѓани при подготовка на проекти од областа на регионалниот развој; врши промоција на развојните можности на регионот; спроведува развојни проекти за поттикнување на развој, финансирани од фондовите на ЕУ и други меѓународни извори; остварува соработка со Донаторската заедница во државата; ја потикнува меѓуграничната соработка.

Центарот активно се вклучува во искористување на развојните можности кои ги нудат претпристапните Европски фондови ИПА, со организирање на информативно-едукативни работилници за сите заинтересирани страни,како и со директно аплицирање со развојни проекти.

“Младите од Бугарија и Македонија заедно за туризам како здравствена превенција”

Центарот за развој на Третиот-Североисточен плански регион, Куманово, на 16.08.2019 како Проектен Партнер започна со имплементација на проектот: “Младите од Бугарија и Македонија заедно за туризам како здравствена превенција” од вториот повик од Програмата за прекугранична соработка Р. Бугарија – Р. С. Македонија, финансиран од Европска комисија, Инструмент за предпристапна помош, Буџетска линија Број CCI 2014TC16I5CB006.
Број на проектот: CB006.2.23.116.
Лидер партнер во проектот . Фондација профилактика за здравје, Благоевград Р. Бугарија
Вкупниот буџет на проектот: 94.742,70 евра.
Датум на започнување: 17 / 08 / 2019 Датум на завршување: 16 / 11 / 2020

 

 

„Уредување и валоризација на спортско-рекреативниот центар Бислим“

Куманово ќе добие спортско-рекреативен центар за алпинизам, кајак на мирни води и велосипедизам.

Овој центaр за екстремни спортови ќе биде еден од ретките во државата, поради што има голем интерес од луѓето и институциите задолжени за развој на спортските дисциплини.

Во самото креирање на проектот учествувале Федерацијата за спортско качување и алпинизам и Кајакарската федерација на Македонија, која планира тука да го префрли центарот за обука на мирни води.

Проектот „Уредување и валоризација на спортско-рекреативниот центар Бислим“ е на Североисточниот плански регион, а средствата во висина од 128.000 евра се обезбедени од Швајцарската агенција за развој и Министерството за локална самоуправа и тој предвидува целосно искористување на природниот потенцијал на Бислимска Клисура на реката Пчиња.

За потребите на центарот веќе се набавени 15 кајаци, рафтинг чамец, 16 велосипеди, 6 електрични велосипеди,  2 мотори на 4 тркала за спасувачките служби,  реквизити за уредување и изградба на 60 стази за спортско качување и виа ферата, комплетна опрема за алпинизам, заштитна и сервис опрема, мобилна ГПС апликација и се друго што е неопходно за непречено користење, функционирање и организирање на спортски тури и натпреварувања.

„Реализацијата на проектот за Бислимска клисура е во завршна фаза. До крајот на годината треба да заврши уредувањето на рекреативниот центар и од пролет ќе биде ставено во функција на граѓаните, пред се на љубителите на спортот. Со овој проект Општина Куманово ќе добие современ спортски центар, а граѓаните можност да се занимаат со овие спортски дисциплини кои што досега немаа можност. Самата потреба за развој на туризмот во Општината и реткоста, убавините и неискористеноста на потенцијалот на Бислимска клисура, се наметна како идеја да аплицираме со овој проект,  а донаторите го препознаа неговото значење не само за регионот туку за целата држава“, – вели Владимир Павловски, координатор на проектот, вработен во Североисточниот плански регион.

Со центарот ќе стопанисува и ќе менаџира Општина Куманово, која ќе треба да изгради придружни објекти во самата клисура каде што ќе се чува опремата и ќе се издава на заинтересираните граѓани.

Бислимска клисура се наоѓа на 5 километри од Куманово, по течението на реката Пчиња и долга е 6,5 километри. Всечена е во капри и на некои места наликува на кањон. Нуди одлични можности за развој на туризам, поради големиот број на пештери, ендемски видови на растенија и животински свет, недопрена природа и екстремни спортови.

Од 2015 година наваму често ја посетуваат кајакари од западноевропските земји, откако Бислимска клисура и реката Пчиња се најдоа на понудата за посета на спортските рекреативци од Чешка, како дел од возбудливата тура насловена „Пловна тура низ Македонија“. Тие во потрага по нови доживувања и спортска рекреација, истражувајќи ги убавините на нашата земја најчесто кампуваат покрај реката во селото Шупли Камен, бидејќи нема ниту еден сместувачки капацитет во околината.

Жителите се надеваат дека спортскиот центар ќе заживее овој крај и го развие туризмот.

Секоја општина од североисточниот регион со свои потреби

Во општините кои ги опфаќа Центарот за развој на североисточен плански регион со домашни средства, но и со странска помош се реализираат низа проекти. Во некоја општина се реновираат и опремуваат општинските сали, некаде се уредува речното корито или пак се прави пат.

„Успеавме да завршиме еден голем проект, тоа е реновирање на општинските сали во Крива Паланка, со сосема нова ЗД опрема. Проектот изнесува околу 250 илјади евра од наша страна и исто толку и од бугарската страна, од ќустендилската администрација. Направивме навистина модерни сали за презентации во 3Д“, вели Младен Протиќ раководител на Центарот за развој на североисточен плански регион од Куманово и појаснува дека спроведените проекти минатата година биле преку нашето Биро за регионален развој и Министерството за локална самоуправа, како и повеќе проекти за меѓугранична соработка и други донатори.

Претходно е реновирана и опремена големата сала во поранешната зграда на Комитет и Занаетчискиот дом во Куманово, а во иднина со веќе подготвената техничка документација се планира да се изнајдат средства за реновирање и опремување на салата за одржување седници на општинскиот Совет во овој град.

Центарот за развој ги опфаќа општините Куманово, Крива Паланка, Кратово, Ранковце, Старо Нагоричане и Липково, така што во нив за тековната година следи реализирање на низа проекти.

„Секоја општина си има свои специфики. Во Крива Паланка ќе интервенираме на речното корито. Во Старо Нагоричане се надеваме да го изградиме патот кон селото Вујовци и да набавиме опрема со лед осветлување. Во Општината Ранковце ќе реновираме дел од општинските простории со слична намена како во Крива Паланка, за промовирање на туризмот, за одржување разни семинари, конгреси и работилници. За Куманово се надеваме дека ќе обезбедиме машини за метење на градот кои ќе бидат доделени на ЈП „Чистота и зеленило“ и терасата на затворениот базен која е околу 360 квадрати да ја покриеме. За Општината Липково е предвидено изградба на ограда околу Културниот дом во селото Матејче и во Кратово ќе се уреди шеталиште покрај реката“, вели тој.

Според Протиќ вкупно издвоени средства од Бирото за регионален развој за годинава се околу половина милион евра, секоја година се зголемуваат, така што тој очекува трендот да продолжи и наредните години.

Бизнис секторот во рамките на Центарот за развој преку швајцарската агенција за поддршка и Министерството за локална самоуправа работеле за добивање на два проекта, иновативен и за рамномерен регионален развој.

„Од тие два повика едниот го доби кумановското основно училиште „Крсте Мисирков“ за инклузивни и паметни училници кои што треба да бидат опремени до септември годинава, како и три гусеничари за лица со посебни потреби, за олеснето искачување и симнување на децата со такви потреби“, вели Владимир Павловски од Бизнис секторот.

Според него, ќе се реализира и проектот за валоризација и оплеменување на Бислимската клисура (Куманово), каде што ќе бидат обезбедени кајаци и опремени карпи за алпинизам, електрични велосипеди и спортска опрема. Со тоа би се помогнал развојот на туризам кон крајот на оваа година.